• Избор на јазик:
  • MK
  • EN
  • SR

Recepti

Главно јадење

БОРАНИЈА СО СОИНИ ТОПЧИЊА

Потребно: 50гр. соини топчиња, 250гр. исчистена и исечена боранија, 1 свежа пиперка, 1 лажичка црвен пипер, 1 свеж домат, 1 лажичка кечап, 2 чешниња ситно исецкан лук, ладно цедено сончогледово масло, 1 главица кромид.

Подготвување: соините топчиња се ставаат во 1/2л. зовриена вода и се варат 10-15 мин. за да омекнат. Во тавче со масло се динствува кромидот, се додава боранијата, пиперката, доматот, лукот и процедените соини топчиња. Се посолува, се додава малку вода и се динста уште 1 час. По потреба се додава вода.

ГУЛАШ СО СОИНИ ТОПЧИЊА

Потребно: 100гр. соини топчиња, 2 главици ситно исецкан магдонос, прстофат кафеав шеќер, 1 шољичка бело вино, 3 ливчиња сушен вргањ, 1 лажичка кечап, малку рузмарин, бибер, црвена пиперка, 1 изрендан морков.

Подготвување: во 1л. врела вода се ставаат соините топчиња и се варат 10-15 мин. за да омекнат. Во тавче со масло се динста кромидот и се става по потреба малку вода. Потоа се додава морковот, исцедените соини топчиња, доматот, биберот, црвениот пипер и се вари постепено уште 40 минути, повремено додавајќи малку вода (како за секој гулаш). Сушените вргањи и рузмаринот се ставаат во електрична мелница за кафе и се мелат. На крајот кога сојата потполно ќе омекне, се додаваат кафеавиот шеќер, сомелените печурки и рузмаринот, се досолува, по потреба се прелива со вино. Крчка уште 5 мин. , па се посипува со магдонос и се служи топло.

Соините топчиња може да се употребуваат во супи, чорби и манџи, како замена за месо или во комбинација со истото. Пред употреба соините топчиња треба да се потопат во врела вода да одстојат 30 минути и потоа да се процедат.

ПИПЕРКИ ( ИЛИ САРМА) ПОЛНЕТИ СО СОИНИ ТРОШКИ

Потребно: 2-3 пиперки (тиквички или модар патлиџан), а за сарма 2-3 листа кисела зелка (лозов лист или лист од зелје), 100гр. соини трошки, 1 главица кромид, 3 супени лажици ориз, морска сол, бибер, 1/2 лажица црвен пипер, 1 изрендан морков, лист од целер, магданос, ладно цедено сончогледово масло, домат.

Подготвување: на маслото, со додавање многу малку вода, се динста исецканиот кромид. Кога тоа ќе биде готово се трга од оган и се додаваат обарените соини трошки, оризот (доколку користите интегрален ориз претходно ќе го сварите), изренданиот морков и зачини по вкус (оригано, вегета, бибер и др.). Сето тоа се става на оган да се динста уште 15 мин. Со оваа смеса се полнат пиперките или се виткаат сармите. Пиперките исправено се ставаат една до друга во огноотпорен сад и секоја пиперка се покрива со исечени кругчиња од домат. На сето тоа се става вода за да се покрие содржината, се поклопува и се става во рерна да се пече 1 час.

МУСАКА СО СОИНИ ТРОШКИ И ОРИЗ

Потребно: 250-300гр.соини трошки, 150гр. свежи печурки (или од тегла), 150-200гр. ориз, 1 чаша павлака, 40-50гр. ладно цедено масло, 1 главица кромид, магдонос, 2 јајца, био-зачин, сол, бибер и други зачини по вкус.

Подготвување: маслото се загрева, се додава ситно исецканиот кромид, се пропржува и се додаваат очистените и тенко исечени на листови печурки. Сето тоа се динста додека не омекнат печурките, а потоа се додаваат соините трошки (предходно попарени во вода) заедно со зачините (сол, био-зачин, оригано, бибер, салца или кечап) па сето тоа заедно се пржи. Во тавата се тура малку масло, се става ред посолен и забиберен ориз, се додаваат сојата и печурките, се посипуваат со исецканиот магдонос и се прекрива со останатиот ориз. Се пече 30 мин во рерна на 200 Ц. Пред крај се прелива мусаката со јајцата матени во павлака и се допекува додека не се формира зацрвенета коричка.

ЌОФТИЊА ОД СОИНИ ТРОШКИ

Потребно: 250гр. соини трошки, 1 поголема главица кромид, околу 150гр. ладно млеко, 1-2 јајца, 100гр. кашкавал, бибер, био-зачин, сол, салца, кечап или тазе испасирани домати и масло.

Подготвување: предходно попарените и исцедени соини трошки се мешаат со исецканиот кромид, јајцата, изренданиот кашкавал и се додава бибер, био-зачин, сол. Се месат ќофтиња и се пржат во малку повисока тава. Откако ќе се испржат, се тргаат од оганот и се преливаат со кечапот, салцата или свежо испасираните домати. Покриени убаво се оставаат да крчкаат уште 20 мин.

СОЈА СО ПЕЧУРКИ

Потребно (за 4 лица): 200гр.варено зрно од соја, 150гр. печурки, 100гр. ориз, 60гр. маргарин, 50гр. пармезан, 1 јајце, 1 главица кромид, био-зачин, сол, пипер, магданос.

Подготвување: се динстаат на масло печурките, се додава вареното соино зрно, варениот ориз, био-зачинот и сето тоа се динста. На крај се додава вареното исецкано јајце, пармезанот, солта, пиперот и магданосот. Се служи топло.

ПОХОВАНИ СОИНИ ШНИЦЛИ

Потребно: 50гр. соини шницли, 1 коцка супа (пилешка, телешка или друга по вкус), ладно цедено сончогледово масло, 1-2 јајца, презли.

Подготвување:  соините шницли се варат во супата од коцка 30 мин. додека не омекнат. За време на варењето може да додадете био-зачин или сол по вкус. Откако ќе омекнат се процедуваат, се валкаат во матените јајца и презлите (или брашно) и се пржат во затоплено масло додека малку не се зацрвенат на површината. Се сервираат и полеваат со сос од домати или друго по вкус.

Соините шницли искршени на 2-3 парчиња, сварени и процедени може да ги употребувате наместо месо во шкембе чорба.

ПЕЧУРКИ И ОРИЗ

Потребно: 1 рака суви печурки (или 250гр. свежи печурки), 1/2 рака интегрален ориз, 1 главица кромид, морска сол.

Подготвување: Кромидот ситно се сече, па се динста со малку вода. Печурките ако се суви претходно се потопуваат. Во кромидот се додаваат печурките и оризот, се додава 2 шољи вода и се вари на тивок оган.

По желба како декорација над вака подготвениот ориз може да додадете сомелени семки од сончоглед и сусам.

ОРИЗ СО КРАСТАВИЦИ

Потребно: 60гр. интегрален ориз, 1/2 л. вода, 200гр. излупена и исечкана краставица, 1 лажичка соино брашно, 1 лажичка магдонос, 1 лажичка квасец, малку сол.

Подготвување: Се вари прво оризот и потоа се меша со останатите состојки.