• Избор на јазик:
  • MK
  • EN
  • SR

Recepti

Супи и чорби

ЧОРБА ОД СОЈА СО ЗЕЛЕНЧУК

Потребно: 300гр. сварена соја во зрно (може и црна соја), 40гр. ладно цедено масло, 2 главици кромид, 3 моркови, 1/2 корен целер, 2 чешниња лук, 2 помали компири, ловоров лист, 1 пиперка (по вкус може да биде и лута), магдонос, сол, бибер, 2 ливчиња нане и црвен пипер по желба.

Подготвување: во тава се загрева маслото, се додава исецканиот кромид, се пропржува и се додаваат исчистениот и изрендан морков, магдоносот и целерот. Смесата се динста додека малку не омекне, со повремено додавање на млака вода. Кога зеленчукот е скоро мек се додава излупениот и изрендан компир, пиперката, сол и бибер, црвен пипер и нане. Сето тоа се меша , се налева со супа од коцка и се вари додека не омекне. Варената и оцедена соја се меша со зеленчукот, по потреба се долева од супата, па сето тоа заедно се вари уште 15-20 мин.

СУПА ОД ПРОСО

Потребно: 1/2 шоља просо, свеж или сушен зеленчук за супа ( морков, магдонос, пашканат, целер), 2дл. јогурт (не е обврзно), 1 главица кромид.

Подготвување: на ладно цедено масло се динста ситно исецканиот кромид. Се додава сецканиот зеленчук, се меша и се додава просото. Се полива со вода за да се покрие содржината и се вари на тивок оган. Повремено се меша и по потреба се додава вода се додека не се постигне саканата густина. Кога ќе се свари супата, се трга од огнот и се додава јогурт. Супата се служи топла.

ЧОРБА ОД ИНТЕГРАЛЕН ОРИЗ И ПРОСО

Потребно: 1 шоља варен интегрален ориз, 1/2 шоља варено просо, 1 главица ситно исечкан кромид, 1 рендан морков, морска сол, бибер, магдонос, свеж домат или лажичка кечап, 1 лажица интегрално брашно.

Подготвување: Се динста кромидот на малку вода и ладно цедено масло, се додава морковот и се динста уште 15 мин. Потоа се  додаваат оризот и просото, па се полева смесата со вода за да се покрие. Кога ќе проврие се додава доматот, био-зачинот и шоља вода во која е разматено брашното. Се вари уште 5 минути се трга од оган и се додава ситно исечканиот магдонос. Се служи топло.

СУПА ОД МЕШАНИ ЖИТНИ СНЕГУЛКИ

Потребно: 2 лажици јачменови снегулки, 2 лажици `ржани снегулки, 2 лажици овесни снегулки, 2 лажици леќа, 1 главица ситно исецкан кромид, ловоров лист, ладно цедено масло, прстофат мајчина душичка, морска сол, бибер.

Подготвување: кромидот се динста со малку вода и масло, се додаваат снегулките, леќата, ловоровиот лист и мајчината душичка. Се прелива со 3 шољи вода и се вари околу 40 мин. Потоа се зачинува. Се служи на следниов начин: се запекува кришка од интегрален леб и се налева со супатa.

СУПА СО ЈАЧМЕНОВИ СНЕГУЛКИ

Потребно: 1 лажица јачменови снегулки, 2 моркова, 1 главица кромид, 1 лажица сув или свежо исецкан зеленчук за супа, 1 лажица ладно цедено сончогледово масло и зачини (сол, бибер, магдонос, целер, сомелено парче сушен вргањ).

Подготвување: снегулките се потопуваат во вода и се оставаат да киснат 30 мин. На масло се динста ситно исецканиот кромид и се додава ситно изренданиот морков. После неколку минути динстање на смесата се додаваат уште 3 шољи вода и се вари на тивок оган. Се додаваат сецканиот зеленчук, процедените јачменови снегулки и зачините (освен листовите од магдонос и целер кои се додаваат на крај). Сето тоа се вари уште 15 минути.

СУПА ОД ЈАЧМЕН

Потребно: 250-300гр. јачмен, 1 корен магданос, 1 морков, 1 корен целер, 1 кромид, 2 чешниња лук, 1 лажица масло, сол, ким.

Подготвување: се остава јачменот да преноќи во 1/2л. вода. Утредента се вари на тивок оган, со постојано додавање на вода за да не загори. Откако јачменот е сварен му се додаваат исецкани останатите состојки, се зачинува и се тура маслото. Ова се остава покриено 10 минути за  да се омекнат во сопствената пареа додадените состојки во јачменот.

ЧОРБА ОД ПЧЕНКА

Потребно: 4 класа свежа пченка, 1 исецкано стебло целер, 2 исецкани главици кромид, 5-6 шољи изворска вода, 1/4 лажичка морска сол, тамари соја сос или друг зачин по вкус.

Подготвување: во лонец се ставаат целерот, кромидот и исчистените пченкарни зрна. Се додава вода и на врвот на ножот сол. Се остава да проврие, се намалува температурата, се става поклопец и се остава да крчка се додека целерот и пченката не омекнат. Се додава остатокот од солта и ако сакате тамари соја сос по вкус. Се служи со исецкан магдонос и нори алга (доколку употребувате алги).