Новости

„Виталиа“ инвестира во еколошки производен објект што ќе донесе и нови вработувања

Компанијата „Виталиа“ ја отпочна реализацијата на инвестицискиот проект за изградба на целосно нов објект од над 700 квадратни метри. Како резултат на овие активности, ќе се создадат услови за отворање на речиси 50 нови работни места што ќе опслужуваат две производствени линии – едната за екструдирање, а другата за производство на житни барови.

– Пандемијата со коронавирусот сериозно ги погоди сите сегменти од општественото живеење, а особено, на економските активности, но за нас, развојот, напредокот и проширувањето се силна мотивација и во овој навистина тежок период. Притоа, стандардите што си ги поставивме, за постојана примена на последните новитети од индустријата за производство на здрава храна, несомнено ќе бидат дел и од овој сосема нов објект – велат од „Виталиа“.

Дел од корисната површина на капацитетот ќе биде наменета за производство, а дел за помошни простории. Со цел да придонесе кон заштита на животната средина, „Виталиа“ ќе го направи овој објект целосно енергетски ефикасен. Во него ќе бидат инсталирани термоизолациски (PIR) панели, а за напојувањето на опремата ќе се користи обновлива енергија. Фотоволтаици ќе бидат поставени на покривната конструкција, односно, покрај новиот објект, со нив ќе се снабдува и целото седиште на компанијата. Геотермалните пумпи ќе обезбедуваат ладење и греење.

– Матичниот пазар, од каде што ја почнавме нашата успешна приказна, за нас и понатаму ќе биде носечка инспирација, меѓутоа, ние како компанија сме силно присутни и во регионот, но и на глобално ниво. Имајќи го тоа предвид, ние секогаш сме во тек со модерните технологии, искуства и човечкиот капитал, меѓутоа, и со вредностите што денес е особено значајно да се почитуваат и да се практикуваат. Меѓу нив, заштитата на животната средина отскокнува како приоритет во којшто максимално мора да се вложува, а во таа насока е и оваа наша инвестиција – истакнуваат од „Виталиа“.

Изминативе месеци, компанијата се приклучи на иницијативата на Обединетите Нации за намалување на емисиите на стакленички гасови во целиот систем на производство, со што ефективно го намали придонесот во климатските промени. „Виталиа“ ја отпочна и транзицијата кон биоразградливи пакувања, со која што пластичните ќеси ќе бидат заменети со хартија што се рециклира, а исто така, воведе и електрични возила во сопствените транспортни капацитети.