Новости

Иновативните производи на Виталиа претставени на најголемиот саем за кондиторски производи – ISM, Келн

Македонската компанија Виталиа по 6ти пат успешно се претстави на најголемиот саем за кондиторија – ISM, Келн. Виталиа го прошири своето портфолио со новите производи Keto truffles и Protein Cookie, преку кои допре до глобална публика и ги искористи четирите саемски дена за отворање на нови перспективи и наоѓање на нови потенцијални пазари.
Саемот ISM во Келн претставува собир на сите меѓународни релевантни учесници на пазарот од кондиторската индустрија и со тоа ја докажува својата најголема функција како најважниот деловен центар, стимулатор на извозот и платформа за иновација. Во текот на четири саемски дена (02-05.02), учесниците разменуваа искуства, мислења и знаења со цел да го подобрат производството, да најдат нова инспирација, да ја прошират својата мрежа и да ги претстават своите иновации пред 37 000 трговски посетители од 148 земји кои присуствуваа на саемот.

Виталиа се претстави со два нови производи – Keto truffles и Protein Cookie, кои веднаш станаа тема на дискусија кај присутните. Станува збор за слатки производи со иновативна рецептура базирани на трендот за производи со природни состојки, намалени шеќери и јаглехидрати и високо количество на протеини. Особено наменети за динамичните секојдневни активности и за модерните потрошувачи кои водат активен и брз животен стил, а воедно сакаат да се хранат здраво.

Keto pralines се неверојатно вкусни, но и здрави колачиња со темно чоколадо, путер од кикиритки и крцкави јаткасти плодови, кои содржат минимално ниво на јаглехидрати и шеќери, а се богат извор на протеин, што ги прави совршени за брза и слатка ужина во текот на напорниот ден. Protein Cookie, пак, е десерт идеален за луѓето кои вежбаат и водат активен живот. Високото ниво на протеин, а ниското ниво на шеќери овозможуваат природна регенерација на мускулите и даваат енергија, без притоа да се грижите за калориите кои ги внесувате.

Следејќи ги светските нутритивни трендови, Виталиа е постојано во тек со она што му е потребно на модерниот потрошувач. Во време кога здравата храна преовладува во потрошувачката кошничка, а истовремено се преферира таа да се консумира брзо, лесно и на „на нога“, Виталиа успева да најде одговор и да ги претвори овие детални преференци во нивна предност – креирајки производи кои се издвојуваат од конкуренцијата, што претставува и клучен дел од бренд стратегијата на оваа компанија.