Новости

Искра Ветаџокоска – Муцунска: Триесет години градиме култура на здраво живеење

„Следната година по многу нешта ќе биде посебна за Виталиа! Најмногу поради тоа што е јубилејна, славиме 30 години од почетокот на работа. Триесет години на континуиран раст, на иновации и поддршка на заедницата. Следењето на трендовите за здрава храна, на најновите нутриционистички согледувања и научни анализи, на очекувањата на потрошувачите и нивните современи потреби ќе биде наша појдовна точка  и во годините кои ќе следат.“

Сонувај за големи нешта, работи напорно, задржи го фокусот и опкружи се со квалитетни луѓе. Преку оваа своевидна мантра за успехот веројатно најдобро може да се отслика во неколку зборови приказната на нашата соговорничка г-ѓа Искра Ветаџокоска – Муцунска, ко-сопственичка и генерален менаџер на Виталиа, најголемата македонска компанија за здрава храна. Веќе 30 години, сонот нејзин и на нејзиното семејство за создавање бренд којшто ќе им ги менува животите на луѓето придонесувајќи за нивното здравје и благосостојба, се остварува преку пожртвуваност, упорност, знаење, иновации, раст, развој, но и поддршка на заедницата и промовирање на вистински вредности. Во сето тоа, како што вели Ветаџокоска – Муцунска клучни се луѓето со коишто работи и создава, а коишто ги делат истите вредности.
„Виталиа е компанија која секогаш се труди да биде блиска со луѓето, да ги разбере и да одговори на нивните потреби на најдобар можен начин. Обично луѓето велат дека ние потсетуваме на ‘семејна компанија’, поради начинот на кој работиме, а ние тоа го сфаќаме како голем комплимент. За мене и за компанијата – луѓето, нивните потреби, желби и нивното задоволство се на прво место.”, вели таа. Со Ветаџокоска – Муцунска разговаравме за сето она што претставува Виталиа во моментов, нејзините најголеми достигнувања периодов, но и плановите за во иднина.

Г-ѓа Ветаџокоска – Муцунска, како Виталиа ќе ја заврши 2022 година, кои беа најголемите предизвици, но и најзначајните моменти за компанијата годинава, која беше прилично тешка за бизнисот?

Надминавме уште една тешка година полна со предизвици, но која би сакала да ја паметиме по она што го добивме, наместо по она што го изгубивме. И во 2022 година резултатите беа одлични, што е потврда за нашата добра работа, за правилната стратегија и насока за развој на нашата компанија. Тимската синергија и духот на заедништво на сите вработени во Виталиа придонесоа да ги надминеме сите пречки и преку меѓусебна отворена комуникација да функционираме ефикасно и да создаваме здрави функционални производи кои ги задоволуваат нутритивните потреби на модерниот потрошувач.

Горди сме што оваа година сме рангирани во топ 200 најуспешни компании во Македонија, на високото 4-то место во прехранбениот сектор. Исто така,  и оваа година Виталиа е препознаена како бренд лидер во категоријата здрава храна во Македонија, односно секој втор потрошувач ги избира нашите здрави и функционални производи како свој главен сојузник кон креирање здрави прехранбени навики. Висококвалитетните производи, фокусот кон иновација и континуираните вложувања во заедницата се начинот со кој веќе 29 години ја градиме довербата кај потрошувачите.

Одржувањето на високото ниво на квалитет во нашите производи е контролирано од најстрогите глобални стандарди BRC/IFS. Виталиа е единствената компанија за производство на здрава храна во регионот која втора година по ред ја добива највисоката оцена А на престижниот сертификат BRC, што е признание за беспрекорната работа и посветеност на целиот тим.

И оваа година продолживме со континуирана едукација за потребата од здрава исхрана, поттикнувајќи ги луѓето да се грижат за себе,  да внимаваат како се хранат. Тоа ќе биде наш императив и во годините кои следат и од тоа нема никогаш да се откажеме.
И понатаму ќе развиваме нови и иновативни производи според потребите на секоја индивидуа. За истакнување е  PROBIOTIC линијата на Виталиа која ја лансиравме оваа година и која беше наградена за иновативност на саемите ISM Келн и PLMA Амстердам! Со својата уникатна рецептура и оптимална содржина на бактерии корисни за дигестивниот систем, пробиотската линија таргетира потрошувачи кои практикуваат внесување на храна со додадена вредност и функционалност за одржување на внатрешен баланс и добра дигестија, отворајќи нов сегмент во категоријата здрава храна и придонес за раст на истата.

Особено горди сме и на нашата најнова иновација во категоријата ВЕГАН – лансирањето на VEGGIE JOY смеси кои претставуваат идеална замена за месо. Овие смеси се на база на растителен протеин, не содржат глутен и соја, а се збогатени со витамини. Истовремено, нивната уникатна формулација содржи највисок процент на комплетни протеини во споредба со слични производи и алтернативи на месо.

Оваа година ќе ја паметиме и по нашите најнови инвестиции во обновливи извори на енергија во процесот на работата и производството. Дефинитивно 2022 беше година на „зелената иницијатива“ на Виталиа, со поставување 500 kw фотоволтаичен систем за генерирање на електрична енергија, имплементирање нов систем на ладење и греење со геотермални пумпи, со што обезбедивме, не само заштеда на електрична енергија, туку директно придонесовме кон зачувување на животната средина.

Поддржавме бројни проекти во спортот, културата, уметноста, иницијативи кои проценивме дека се општествено корисни. Виталиа е дел од оваа заедница и секогаш ќе помагаме во рамките на нашите можности. Остануваме најголем донатор на храна кон социјално загрозените граѓани што се реализира преку платформата Foodshare во рамки на проектот Ploutos.

И не само тоа. Овие вредности настојуваме да ги пренесеме во 55-те земји ширум светот каде е застапен брендот Виталиа. Нашето семејство на потрошувачи е глобално и како такво е дополнителна инспирација за креирање на уникатни здрави продукти за нивна благосостојба. Оваа година и покрај сите предизвици, отворивме 9 нови пазари и забележавме  20% раст во вкупната продажба, тренд што го таргетираме и за 2023.

Секако, остануваат уште предизвици, но најважно е да го сочуваме сопственото здравје, останеме мотивирани и посветени на нашите цели.

Кои се вашите цели и планови за 2023, што ново може да очекуваат љубителите на здравата храна?

Следната година по многу нешта ќе биде посебна за Виталиа! Најмногу поради тоа што е јубилејна, славиме 30 години од почетокот на работа. Триесет години на континуиран раст, на иновации и поддршка на заедницата.

Следењето на трендовите за здрава храна, на најновите нутриционистички согледувања и научни анализи, на очекувањата на потрошувачите и нивните современи потреби ќе биде наша појдовна точка  и во годините кои ќе следат. Како компанија сме отворени за секоја сугестија од нашите потрошувачи, а нивната доверба  е најсилен поттик за подобрување и развој на новитети, во збогатување на понудата со  нешто ново, иновативно и креативно, а истовремено и функционално кои ќе ги исполни нивните строги критериуми.

Во 2023 година, на нашите потрошувачи ќе им понудиме нови ВЕГАН алтернативи на месо, како дополнување на нашата Веган линија. Ќе ја  збогатиме понудата на протеински производи кои го следат трендот за спорт и рекреација, солени ужини збогатени со протеини како и напитоци.

Потрошувачите можат да очекуваат и иновација во суровините и вкусовите. Ќе ја тестираме нивната подготвеност за прифаќање на инсектите како извор на здрави нутритиенти во храната како и влијанието на азиската кујна.

За нашите најмлади, Виталиа ќе понуди детска линија креирана според најновите препораки од нутриционисти и педијатари, со нови функционалности, без компромис на вкусот и со атрактивен дизајн.

Во јубилејната 2023 , Виталиа ќе биде hub за иновации во здравата храна,каде ќе се спојат најновите идеи од аспект на технологија, рецептури и состојки. Во тој процес значајна улога ќе има нашата  сопствена лабораторија Виталиа Лаб која ја отворивме годинава. Лабораторијата е опремена со најсовремената апаратура за вршење на физичко хемиски анализи, а веќе следната година ќе биде акредитирана според стандардот ISO 17025 за лаборатории. На овој начин, Виталиа Лаб ќе помогне не само на нашата компанија, туку и на сите други компании во земјата за добивање на прецизни, точни и ценовно конкурентни лабораториски анализи, како вистинска додадена вредност во сервисот на лабораториски услуги.

Во 2023 Виталиа ќе се фокусира и кон пазарите во развој, Африка како огромен потенцијал, каде веќе сме присутни во 5 држави од кои Буркина Фасо, Руанда, Нигерија, Гана, Конго…, а следната година планираме дополнително проширување.

Нашата цел е да го развиеме брендот на овој континент, да ја креираме и зголемиме свесноста за здравата исхрана и нејзината важност,  да помогнеме во градењето на култура на здраво живеење. Затоа што ние знаеме како, 30 години know-how во пишување на нашата успешна приказна во Македонија и регионот.

Со проширувањето на нови пазари очекуваме и над 25% зголемување на продажбата, а со тоа и зголемување на производните капацитети и ресурсите во компанијата. Во 2023 во план е и изградба на нов магацински простор и воведување на две нови производни линии за новитетите кои ги планираме.

Позната сте како човек што и практично ги живее вредностите што ги прокламира самата компанија: здрава исхрана, здрав живот… Кои се за вас клучните вредности во односите помеѓу луѓето што вие лично најмногу ги цените, а се трудите да ги пренесете и на вашите вработени?

Дел од причината зошто сум таков човек е поради тоа што сум опкружена со луѓе кои ги делат истите вредности. Виталиа е компанија која секогаш се труди да биде блиска со луѓето, да ги разбере и да одговори на нивните потреби на најдобар можен начин. Истата компаниска политика важи и за луѓето внатре во самата компанија. Обично луѓето велат дека ние потсетуваме на „семејна компанија“, поради начинот на кој работиме, а ние тоа го сфаќаме како голем комплимент. За мене и за компанијата – луѓето, нивните потреби, желби и нивното задоволство се на прво место. Довербата и почитта се приоритет, а лојалноста се смета како доблест. Затоа Виталиа во изминатите три децении успеа да создаде нераскинлива врска најпрво со своите вработени, а потоа и со потрошувачите, кои секоја година ги има сѐ повеќе.

Вие секако најдобро го знаете товарот што го носи жената која сака да биде успешна во бизнисот во денешно време, а истовремено да ги исполни и останатите улоги што општеството традиционално ги бара од неа… Како придонесува Виталиа под ваше водство во постигнувањето на подобар родов баланс во самата компанија, и генерално во економијата и општеството?

Дефинитивно сметам дека првенствено секој со својот личен пример и однесување треба да придонесе во своето општество. Посебно ако има одговорна позиција,  а другите се одгледуваат по него и го следат. Јас верувам дека традиционалната поделба на машки и женски работи е нешто што е одамна надминато во модерниот свет, и дека една жена подеднакво може да биде успешна во бизнисот, а истовремено да биде и мајка, сопруга.

Виталиа  е вистински пример на компанија во која една индивидуа се цени според квалитетот и способноста, независно од полот, возраста или националноста. Компанија во која сите имаат еднакви шанси за работа, напредок и за градење на својата кариера. Во Виталиа ќе сретнете многу жени кои се на одговорни позиции, кои се почитувани во својата потесна работна околина, и на кои ние сме посебно горди. Ги карактеризира професионалност, лојалност, посветеност и силна колегијалност, особини кои водат кон силна емпатија кон другите, и грижа за локалната заедница. Да се има активен спортски живот, да се следат случувањата во културата, да се развиваат здрави навики кај децата, денес е повеќе од неопходно.

Во што најмногу инвестирате, во смисла на инвестиција во човечки капацитет, за себе лично, но и за вработените во компанијата?

За успехот на работата и ефикасното совладување на задачите, „виновници“ се нашите вработени, кои од ден на ден покажуваат дека професионалноста е нивна највпечатлива карактеристика, а волјата да се извади најдоброто од себе, нивна доблест. Токму затоа се’ повеќе внимание посветуваме на нивната континуирана едукација и надградба, со цел да бидат задоволни од себе и од својата работа. Денес во Виталиа ќе сретнете вработени кои се со нас од самиот почеток, кои напредувале и дошле до одговорни позиции и кои компанијата ја чувствуваат како своја, за што сум посебно горда.

Објавено во „Капитал“